МЕКДОНАЛДС СЕ ПОВЛЕКУВА - Најголемиот синџир за брза храна напушта земјата со 20 милиони жители
Мекдоналдс Корп. има намера да го напушти Казахстан по немирите предизвикани од нападот на Украина.
Причината е што оваа централноазиска земја остана без замена за руските резерви на месо, пишува американски Блумберг.
Најголемиот светски ланец за брза храна по само шест години ќе се повлече од земјата со 20 милиони жители која граничи со Русија. Руската инвазија на Украина минатата година ги прекина глобалните синџири на снабдување и ја погоди и поранешната советска република.
Поточно, причина за ваквата одлука биле прекините во снабдувањето со месо од Русија во контекст на нејзината специјална воена операција, пренесува Геополитика.
Иако казахстанските фирми не подлежат на санкции против Москва, Мекдоналдс им забрани на локалните франшизи да купуваат месо од руски добавувачи, велат изворите на Блумберг.
Исто така, се појаснува дека казахстанските компании не можеле да купуваат месо од домашни или европски добавувачи, бидејќи повисоките цени и трошоците за транспорт на стоки низ земјата би значеле бизнис со загуба.
Во ноември 2022 година, Мекдоналдс во Казахстан (Food Solutions KZ LLP) објави на својата веб-страница и социјалните медиуми дека ќе ги суспендира сите свои ресторани поради локалните ограничувања во снабдувањето. Компанијата увери дека прави максимални напори да се отвори што е можно поскоро, ветувајќи дека подоцна ќе го објави времето на повторното отворање на ресторанот.
Сопственик на франшизата на Мекдоналдс во Казахстан е големиот бизнисмен Каират Боранбаев, кој во 2021 година, според Форбс Казахстан, со богатство од 590 милиони долари го зазеде 14-тото место на листата на најбогати бизнисмени на таа земја. На крајот на декември 2022 година, тој се појави пред судот во Астана за измама во секторот за гас.
Мекдоналдс ги прекина своите деловни активности во Русија во март 2022 година, а подоцна одлучи целосно да го напушти рускиот пазар и да го продаде бизнисот. Купувач беше Александар Говор, сопственик на лиценцата на компанијата, кој сега управува со поранешните ресторани на Мекдоналдс под новото име „Вкусно и точка“.
