Мејл открива што се случувало пред лавината во италијанскиот хотел
„Сакаме да ве информираме дека ситуацијата поради последните настани стана вознемирувачка“, пишувало во мејлот кој Бруно Ди Томасо, службеник во хотелот Rigopiano, им го испратил на надлежните служби во текот на денот, на 18 јануари.
Под „последните настани“, мислел на серијата земјотреси кои тој ден го потресле Апенинскиот полуостров.
Само неколку часа подоцна, хотелот го урна снежна лавина. Спасувачите работат на терен. Досега е потврдена смрт на шест лица, додека 11 се спасени. Живи се 4 деца кои биле во хотелот. Некои од луѓето поминале и по три дена под снег.„Во областа Ригопиано снегот е на височина од околу два метри, а ние имаме 12 потполнети соби. Генераторот би требало да биде доволен до утре, се надеваме дека дотогаш ќе добиеме достава. Телефоните не работат“- пишувало во мејлот.
Ди Томасо ги предупредил надзорните служби дека гостите се во паника поради земјотресите, барајќи од нив да побрзаат со пробивањето на патот до хотелот.
Неколку часа откако бил испратен мејлот, хотелот го затрупала лавина.
