Медведев спомена воен одговор ако Шведска и Финска влезат во НАТО
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев вели дека пристапувањето на Шведска и Финска во НАТО ќе предизвика воен одговор.
Тој кажа дека односите со тие две земји сега мора да бидат преиспитани од руска страна. Медведев ги обвини дека се под влијание кое доаѓа „од преку океанот и од Брисел“.
„Ако во тие земји се поставуваат бази и оружје на НАТО, „тогаш нашите реактивни чекори ќе бидат симетрични на тоа“, кажа Медведев. Членките на НАТО сега го ратификуваат пристапувањето на Шведска и Финска на западниот воен пакт, што тие го побараа откако Русија на 24 февруари ја нападна Украина. Медведев вели дека оваа нивна одлука значи дека безбедносната ситуација на Балтичкото Море е влошена, „бидејќи Балтичкото Море станува регион во кој доминираат држави членки на НАТО“. Шведската министерка за надворешни работи Ен Линде денеска на Твитер објави дека две третини од земјите на НАТО го ратификувале протоколот за пристапување на Шведска и Финска во Алијансата. Русија откако ја почна војната во Украина се заканува на повеќе земји.
