МЕДВЕДЕВ ПОВТОРНО СЕ ЗАКАНИ: Ако Г7 го забрани извозот во Русија, Москва ќе го раскине договорот за украинското жито
Дмитриј Медведев, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, се заканува дека Москва ќе го раскине договорот за извоз на жито од Украина, постигнат со посредство на ОН и Турција, доколку Г7 го спроведе планот за речиси целосна забрана за извоз во Русија.
Јапонската агенција Кјодо објави, повикувајќи се на владини извори во Токио, дека земјите членки на групата седум најиндустриски развиени земји во светот би можеле да ја усвојат забраната на самитот на Г7 во Хирошима, кој се одржува од 19 до 21 мај.
Русија постојано се закануваше дека ќе се повлече од договорот за жито, кој веќе еднаш беше обновен, а во сегашната форма истекува на 18 мај.
- Убава е таа идеја на идиотите од Г7 за целосна забрана на извозот во нашата земја бидејќи подразбира реципрочна забрана за увоз од нашата земја, вклучително и категориите на стоки кои се најчувствителни за Г7. Во тој случај ќе им престане бизнисот со житото и многу други работи што им се потребни - наведе Медведев во објава на Телеграм.
Г-7, наводно, размислува целосно да ја смени стратегијата за санкции, така што извозот во Русија, поради агресијата на Москва врз Украина, автоматски да биде забранет, освен за стоките што се вклучени во списокот на производи дозволени да се испраќаат во таа земја.
Според сегашниот правилник, стоките може да се продаваат во Русија, освен ако не се експлицитно на црната листа.
