Медведев: Нема да има нова „Војна за гасот„
Рускиот премиер Дмитри Медведев изјави во Москва дека Русија нема да ја прекине испораката на гас за Украина, поради неплатените сметки, отфрлајќи ја можноста од нова „војна за гасот“ која би можела да предизвика пореметување во снабдувањето со гас за Западна Европа.
Изјавата на рускиот премиер доаѓа по зачестените тврдења дека руските барања за наплата на неплатените украински долгови, за испораките на руски гас, треба да се поврзат со најавеното потпишување на спогодбата на Украина со ЕУ,предвидено за крајот на овој месец.
Медведев ги демантира таквите тврдења, но тој вели дека сегашните „специјални односи“ меѓу Москва и Киев ќе се растурат, доколку украинската Влада се спогоди за соработка со ЕУ.
Во тој случај, Украина повеќе не ќе може да доаѓа во Москва и да бара зајмови-рече рускиот премиер.
Пред три дена, руската државна компанија „Газпром“ ја предупреди Владата на Украина, која целосно зависи од гасот од Русија, дека не е платен долгот од 882 милиони долари, за августовската испорака на гас, порачувајќи му на Киев дека долгот треба да го плати „во најкус рок“.
Според Медведев, сепак, нема да има прекин на испораката, но Украина ќе мора да плати и покрај своите економски тешкотии. Рускиот премиер потсетува дека за гасот, Москва и дава зајмови на украинската Влада, а во исто време го финансира и транспортот.
Потпишувањето на украинско-европската спогодба, што треба да се случи на ноемврискиот самит на ЕУ, се уште е неизвесно, затоа што Украина ќе треба претходно да ја ослободи поранешната премиерка Јулија Тимошенко, која и натаму е во затвор, иако е сериозно заболена. Но спогодбата меѓу Киев и Брисел се оценува како „историски момент“ за Украина која на тој начин, за прв пат се разделува од својот империјален господар.
Излегувањето на Украина од сегашните нејзини специјални врски со Русија ќе и наштети на идејата на Москва и на претседателот Владимир Путин за создавање на царинска унија меѓу поранешните советски републики, како замена за некогашниот Советски Сојуз.
