МЕДВЕДЕВ КАЖА ЧЕТИРИ СИТУАЦИИ ВО КОИ РУСИЈА БИ УПОТРЕБИЛА НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ: Имаме посебен документ за нуклеарно одвраќање
Руската нуклеарна доктрина не бара непријателот прв да
употреби нуклеарно оружје против Русија, изјави заменик-претседателот на
Советот за безбедност на Русија и поранешен претседател на државата, Дмитриј
Медведев.
„Имаме посебен документ за нуклеарно одвраќање. „Тој документ јасно ги дефинира условите под кои Руската Федерација е овластена да користи нуклеарно оружје“, рече Медведев, цитиран од Гардијан.
Тој наведе дека ова се однесува на случаи кога Русија е погодена со нуклеарна ракета или за употреба на друго нуклеарно оружје против Русија или нејзините сојузници.
„Третиот случај е напад на критична инфраструктура, што би ги парализирало нашите сили за нуклеарно одвраќање“, рече Медведев.
Четвртиот случај, рече тој, е „акт на агресија против Русија и нејзините сојузници што би го загрозило постоењето на самата држава, дури и без употреба на нуклеарно оружје, односно употреба на конвенционално оружје“.
Медведев додаде дека постои „решителност да се бранат независноста и суверенитетот на нашата земја“.
Русија има околу 6.000 нуклеарни боеви глави, што се најголеми залихи на нуклеарно оружје во светот.
Изјавите на Медведев ги коментираше претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој преку видео врска на форумот во Доха предупреди дека Москва е „директна закана за целиот свет“.
„Русија се фали дека може да уништи не само одредена земја, туку и целата планета со нуклеарно оружје“, рече Зеленски.
