Медиум објави за колку пари Украинката Березовска прифатила да го изврши нападот во Монако
Се појавија нови детали за бомбашкиот напад во Монако, во кој беше повреден украинскиот олигарх Вадим Јермолаев, како и за смртта на Анастасија Березовска, жената осомничена дека ја активирала бомбата.
Според украинскиот портал „Страна“, Березовска наводно прифатила да го изврши нападот во замена за ветена награда од 150.000 евра. Истиот извор наведува дека ѝ биле исплатени 7.000 евра за извршувањето на нападот, како и дополнителни 4.300 евра за трошоци, додека не е познато што се случило со остатокот од договорената сума.
Според објавените информации, парите биле префрлени на криптовалутен паричник и на банкарски сметки што гласеле на името на 39-годишната Украинка. Украинската служба за безбедност (СБУ) соопшти дека Березовска била во контакт со двајца мажи кои подоцна биле уапсени под сомнение дека се вмешани во нејзиното убиство. Според СБУ, двајцата вршеле парични трансакции кон нејзините сметки.
Еден од уапсените, според достапните информации, е активен офицер на Главната разузнавачка управа при Министерството за одбрана на Украина (ГУР). За време на истрагата, тој наводно изјавил дека дејствувал самостојно, без знаење и одобрение од службата.
Околностите под кои е убиена Березовска сè уште не се целосно разјаснети.
фото принтскрин
