Матијас Милер ќе го спасува имиџот на Volkswagen по Дизелгејт
Раководството на Volkswagen го назначи на чело на компанијата Матијас Милер, кој досега беше шеф на една од автомобилските компании во холдингот - Porsche, пишува New York Times.
Милер ќе го замени Мартин Винтеркорн, кој беше принуден да даде оставка по скандалот со скриени емисии од моторите на некои модели на "народната кола".
"Такво нешто никогаш не треба да се повтори", коментира Милер пред новинарите по објавувањето на неговото очекувано назначување. Тој вети уште и дека ќе го подобри управувањето на компанијата од Волфсбург.
"Ние ќе ја преживееме оваа криза и ќе бидеме посилна компанија", дополни тој. Пред новинарите тој беше категоричен дека немал поим за манипулативнот софтвер, со кој VW го прикриле обемот на емисиите и загадувањоет на животната средина.
Матијас Милер застана на чело на Porsche во 2010 година, кога производителот на спортски автомобили се приклучи на холдингот. Тој е еден од омилените шефови во холдингот откако ја зголеми продажбата и профитот на компанијата.
NYT забележува дека, сепак, освен скандалот со скриени емисии, Volkswagen има и уште проблеми кои ќе покажат сериозни предизвици пред Милер - намалена продажба во Кина и Бразил, како и намалувањето на уделот на пазарот во Европа, започнат уште во август.
