Масовна тепачка помеѓу Македонци и Албанци на бензинска станица во Италија
Две групи на Македонци и Албанци се степале во бар на бензинска станица во населбата Сан Систо во близина на болницата на Перуџа, при што биле повредени неколку лица и приведени 11 учесници.
Како што објави РАИ Њуз, двете спротивставени групи се судриле со стапови, шишиња, столови и маси.
Според досегашните информации од истрагата, судирот не бил однапред организиран, туку настанал поради безначаен повод – фотографија направена со мобилен телефон. Вербалниот конфликт меѓу младите брзо ескалирал во масовна тепачка. Во инцидентот учествувале и неколку државјани на Романија.
- Сите уапсени лица беа странци: Албанци, Македонци и Романци на возраст меѓу 19 и 31 година, кои живеат во Монтегабионе, Паникале, Тавернеле, Пиегаро и Пасињано сул Трасимено. По пристигнувањето на карабињерите и полициските патроли, двајца од учесниците во судирите, бегајќи да избегнат апсење, прегазија 27-годишен Македонец со автомобил . „Намерно го направија тоа“, тврди повредениот човек, кој заврши во болница со скршено колено, известува телевизијата.
Хаосот се продлабочил кога двајца од вмешаните, обидувајќи се да побегнат со возило, удриле 27-годишен македонски државјанин, кој претрпел тешки повреди и скршеници на двете нозе. Повредениот бил пренесен во болница во Перуџа, каде што лекарите проценуваат дека ќе се лекува најмалку еден месец,бидејќи има скршено колено.
Полицијата и натаму трага по возачот и лицата кои биле со него во автомобилот, меѓу кои има и малолетно лице.
За време на полициските претреси, кај еден од осомничените била пронајдена дрога, додека друг се обидел да ги сокрие клучевите од автомобилот во саксија, со цел да спречи одземање на возилото. Сите приведени се сместени во затворот „Капане“ и ќе се соочат со обвиненија за тешко насилство.
