МАСК СЕ ПРЕДОМИСЛИ - милијардерот ќе продолжи да и го плаќа интернетот на Украина
Најбогатиот човек на светот и основач на SpaceX, Илон Маск, се предомислил за неговата неодамнешна одлука повеќе да не финансира интернет за Украинците преку неговиот систем Starlink. Оваа информација Маск ја објави на Твитер.
– По ѓаволите... иако Старлинк продолжува да губи пари, а другите компании добиваат милијарди долари од даночните обврзници, ние ќе продолжиме да ја финансираме украинската влада бесплатно – напиша Маск.
Да потсетиме, Маск пред неколку дена изјави дека неговата компанија не може на неодредено време да го финансира интернет сервисот Старлинк во Украина.
- SpaceX не бара враќање на трошоците досега, но и не може неограничено да го финансира постоечкиот систем и да испрати уште неколку илјади терминали кои имаат и до 100 пати поголем капацитет. Тоа е неразумно – напиша Маск на Твитер.
Маск ја активираше услугата Starlink во Украина на крајот на февруари, откако интернет услугите во земјата беа прекинати поради руската инвазија. Оттогаш SpaceX донираше илјадници терминали.
Украинскиот вицепремиер Михаило Федоров оваа недела изјави дека услугите на Starlink помогнале во обновувањето на енергетската и комуникациската инфраструктура во критичните области по повеќе од 100 напади со руски крстосувачки ракети.
Маск изјави дека Starlink троши речиси 20 милиони долари месечно за одржување на сателитски услуги во Украина. Тој неодамна изјави дека SpaceX потрошил околу 80 милиони долари за да овозможи и поддржи Starlink во Украина.
