МАСК ДО УКРАИНА: Договор за минералите или нема повеќе Старлинк
Договор за минералите или нема повеќе Старлинк. Ваков ултиматум постави милијардерот Илон Маск до Украина.
Американските преговарачи вршеа притисок врз Киев да им дозволи на САД пристап до критичните минерали во Украина под закана дека ќе ѝ оневозможат на Украина пристап до сателитски интернет Старлинк, потврдија три извори запознаени со ситуацијата.
Украинскиот пристап до комуникацискиот систем Старлинк на Илон Маск, кој обезбедува клучна интернет конекција за Украина и нејзината војска, која е зафатена од војна, беше тема на неодамнешните разговори меѓу американските и украинските официјални претставници откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли предлогот на американскиот министер за финансии Скот Бесант во врска со експлоатација на минерални ресурси, пренесува Ројтерс.
„Ова прашање беше повторно покренато во четвртокот за време на состаноците меѓу Кит Келог, специјалниот пратеник на САД за Украина, и украинскиот претседател Зеленски“, изјави неименуван извор запознаен со дискусиите.
Зеленски ги отфрли барањата на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да дозволи експлоатација на минерали во вредност од 500 милијарди долари како отплата за американската помош за време на војната, велејќи дека САД не понудиле на Украина конкретни безбедносни гаранции.Но, можноста за договор уште постои и двете земји веројатно наскоро ќе склучат економски договор.
