Марин Ле Пен: Франција не е на продажба
Франција веќе не е во рацете на Французите, смета лидерот на Националниот фронт, Марин Ле Пен.
Франција не е за продажба, изјави таа пред поддржувачите, отворајќи ја кампањата за претседателските избори во 2017 година. Ле Пен е посветена да се брани националниот суверенитет, ако биде избрана за претседател на Франција, пренесе Ројтерс.
Резултатите од анкетите на јавното мислење покажуваат дека Ле Пен, чија крајнодесничарска партија се противи на имиграцијата и на Европската унија, ќе стигне до вториот круг на изборите, но ќе изгуби во вториот круг во почетокот на мај од кандидатот на некоја од големите партии .
Ле Пен, која сама се дефинира како „кандидат на народот", во својот говор во градот Фрежус ја потврди тезата дека „Франција веќе не е во рацете на Французите".
„Изборите во 2017 година се категоричен избор од една страна меѓу Франција - нејзиниот суверенитет, нејзиното достоинство, нејзините вредности, нејзиниот просперитет - и од друга - земја која нема да можеме да ја припознаеме, која ќе стане странска за нас" - рече Ле Пен пред околу 6500 свои симпатизери
Ле Пен ги поздрави британските гласачи, затоа што гласале за излез од ЕУ, истакнувајќи дека ќе дејствува истото да го направи и Франција во скоро време.
Марин Ле Пен посвети голем дел од својот говор на критики против имиграцијата и „политичко-религиозните обичаи увезени однадвор", мислејќи на муслиманите, но не спомена експлицитно исламот или исламистите, наведува Ројтерс.
