Марихуаната е новиот Мајкрософт?
Легализацијата на продажбата на марихуана во поедини држави на САД, доведе до вртоглав раст на акциите на компаниите кои ја одгледуваат оваа билка. Нов хит меѓу вложувачите во кладилниците се компаниите кои се занимаваат со одгледување на марихуана, јавува агенцијата Блумберг.
Имано, цените на акциите на поедини компании кои се занимаваат со вакво производство, забележаа силен раст за многу кратко време, што предизвика интерес кај инвеститорите.
Брус Перловин, директор на компанијата „Хемп“, чии што акции за само три дена пораснаа за неверојатни 205 посто, вели дека инвеститорите масовно купуваат акции од компаниите поврзани за марихуаната, бидејќи сакаат да го пронајдат „новиот Мајкрософт“, пренесува Блумберг.
Роберт Фричел од компанијата „Адванст канабус солушнс“ (Advanced Cannabis Solutions), чии што акции во последното тромесечие пораснаа за 144 посто, вели дека еуфоријата на пазарот е толку голема, што некои акции бележат пораст од дури 1.700 посто.
„Побарувачката за марихуана расте незапирливо, сведоци сме на раѓање на нова индустрија“, вели Перловин, кој инаку е поранеше осуден дилер на марихуана и кој минатиот месец продаде 12 милиони акции од својата компанија.
Регулаторите, од друга страна, предупредуваат на можноста од измами и загуби. Меѓутоа, инвеститорите кои во последно време оствариле вртоглави заработувачки, не се загрижени од предупредувањата.
Примамливоста за акциите почна откако Колорадо ја легализираше продажбата на марихуана за сите граѓани постари од 21 година, а Њујорк, речиси истовремено, објави дека планира да ги ревидира законите, како би се допуштило користење на марихуаната во лечењето на некои болести.
Осумнаесет сојузни држави во САД, во моментов, дозволуваат медицинска употреба на марихуаната. Според проценките на Блумберг, марихуаната би поттикнала индустрија, вредна од 35 до 45 милијарди долари.
Слично
