Малезискиот авион може да одлетал во кој било правец – од централна Азија до Индиски Океан
И седмиот ден од потрагата по малезискиот авион Боинг 737-200 не даде резултати. Властите целосно го сменија текот на истрагата откако се утврди дека е веројатно оти авионот летал можеби уште околу 7 часа откако се изгубил од радарот.
Малезискиот премиер Наџиб Разак информираше дека авионот најверојатно намерно бил пренасочен од вообичаениот курс и можно е да одлетал во кој било правец - од Централна Азија до јужните делови на Индискиот Океан. Се испитуваат сите можности, вели Разак и потврди дека некој намерно ги исклучил системите за комуникција на авионот. Се проверуваат сите патници, но и екипажот, а детални претреси денеска беа извршени и во домот на пилотот на летот МХ370 на Малезија Ерлајнс.
Новите податоци покажуваат дека авионот остварил комуникација со сателит речиси седум часа откако се водел како исчезнат, но не може да се потврди дали тој тогаш се уште бил во воздухот.
Ова отвора ново големо подрачје на кое ќе мора да се прошири истрагата. Дополнителни седум часа лет би значеле дека авионот целосно би ги испразнил резервоарите со гориво. Малезискиот премиер вели дека се сметаат за веројатни два коридора по кои би можело да тргне леталото со 239 патници и членови на екипажот - северно: од северен Тајланд до границата со Туркменистан и Казахстан и јужно: кон јужните делови на Индискиот Океан.
Според американските истражувачи, поверојатна е втората варијанта, но тоа би ги зголемило и шансите дека авионот останал без гориво и паднал некаде во Индискиот Океан. Ако е така, тоа значи дека ќе биде исклучително тешко да се најдат црните кутии и остатоците на авионот за да се расветли мистеријата на летот МХ370.
Големото пространство на Индискиот Океан е длабоко во просек 3,5 километри, што значи е подлабоко од она на Атлантскиот Океан. Дополнително отежнувачки фактор се изгубените седум дена од потрагата, додека надлежните го бараа авионот во Јужното Кинеско Море, а во меѓувреме сите остатоци од евентуалниот пад на авионот е многу веројатно дека ги однеле струите.
Слично
