Малезија објави аудио снимки од исчезнатиот авион – експерти тврдат дека се „дотерувани“
Аудио снимките од разговорите на пилотот на исчезнатиот малезиски авион МХ 370 и контролата на летање беа објавени вчера, од страна на малезиската Влада, но веднаш предизвикаа полемики за нивната веродостојност.
Аналитичари кои ги преслушуваче снимките заклучиле дека тие имаат најмалку два извора, од кои едниот би можел да биде дигитален снимач потпрен на звучник.
Во текот на разговорот, аналитичарите откриле и најмалку четири „чисти“ паузи заради што се сомневаат дека некој ги „дотерувал“ снимките.
„Многу чудна работа... Отприлика на 1:14 минути од снимката звучи точно како некој да држи дигитален снимач до звучник и преснимува делови. Тоа може да биде алармантно бидејќи значи дека некој ги уредувал снимките и дека тие не се автентични“, рекол аудио-видео форензичарот Ед Примоу за Ен-Би-Си.
Друг експерт Кент Гибсон исто така открил некои моменти кои му се спорни и ја доведуваат во прашање автентичноста на снимката. „На 4:07 минути се слуша вртење на страници и дишење, што е прилично необично. Имено, може да се чуе „клик“ кога ќе се притисне типката на микрофонот, но вообичаено е во позадина да не се слупа ништо друго“, појаснува тој.
Според Гибсон, снимките упатуваат дека „или малезиските власти или некој друг ги преуредувале записите поради некоја причина и дека пилотот веројатно кажал нешто или навестил нешто што не им одговарало да се знае“. „Може тоа да се случило од невнимание и да нема врска со самата истрага за исчезнувањето, но тоа секако не е начин на кој треба да се постапува со доказен материјал“, смета Гибсон.
Малезискиот авион МХ370 со 239 патници и членови на екипажот исчезна на 8-ми март на летот Куала Лумпур-Пекинг и од тогаш му е загубена секаква трага.
Слично
