Малезија: Авионот се урна во Индискиот Океан и нема преживеани!
Мистеријата на авионот Боинг 777-200 на Малезија Ерлајнс се чини дека конечно е завршена. Малезискиот премиер предмалку на пресконференција објави дека авионот паднал во јужниот дел од Индискиот Океан.
Со нови анализи на сателитските снимки од движењето на авионот, кои досега не биле користени, била откриена последната локација на исчезнатото летало.
„Летот МХ370 се движеше по јужниот коридор и неговата последна положба била на средината на Индискиот Океан, западно од Перт. Оваа локација е далеку од какви било места на кои авионот би можел да слета. Со длабока жалост ве известувам дека според овие податоци летот МХ370 завршил во јужниот дел на Индискиот Океан“, објави малезискиот премиер.
Претходно за оваа информација биле известени и семејствата на патниците во авионот, чија планирана рута беше Куала Лумпур-Пекинг.
Авиокомпанијата Малезија Ерлајнс исто така информираше оти и официјално авионот е изгубен, а преживеани патници нема. „Мораме да ги прифатиме доказите кои укажуваат на тоа дека авионот се урнал во јужните делови на Индискиот Океан“, соопшти авиокомпанијата во чија сопственост беше леталото.
Заклучокот беше изведен откако во Индискиот Океан биле пронајдени и предмети за кои се претпоставува дека се делови од авионот кој исчезна пред повече од две недели. Но, мистеријата за тоа што се случи со летот МХ370 продолжува додека не се пронајдат црните кутии, кои единствено можат да дадат некаков одговор зошто авионот се наоѓал илјадници километри далеку од неговата планирана рута.
Слично
