„Мала“ грешка на брокер предизвика „пад“ на акциите за 99,8 проценти
„Пад“ на вредноста на акциите на една од најголемите компании во Израел - „Израел корпорејшн“ за 99,8 проценти предизвикал еден израелски брокер со „мала“ грешка во пишувањето.
Само неколку минути траел „падот“ на акциите на „Израел корпорејшн“, но бил доволен да предизвика узбуна на берзата во Тел Авив и да го прекине тргувањето со акции. Акциите вределе 46.385 долари, а „паднале“ на 58 долари, кога брокерот сакал да продаде акции на помала компанија и по грешка на компјутерот ја пишал кратенката на познатата корпорација.
Аналитичарите предупредуваат дека ова е доказ што може да се случи на пребукираниот дигитализиран пазар на хартии од вредност.
Оваа вест доаѓа по неколку денови од техничката грешка која ја симна вредноста на акциите на Насдак и по серијата на технички пропусти во тргувањето со акции, што „Голдман Сакас“ можеше да ја чини околу 100 милиони долари.
Пропустите во автоматското тргување компанијата „Најт кепитал“ минатата година ја чинеше 440 милиони долари.
