МАКРОН СЕ ИСПЛАШИ ОД ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА - за прв пат по неколку децении Франција ќе гради нуклеарки, германските еко активисти на нозе
Франција ќе изгради нови нуклеарни реактори за да ја направи помалку зависна од другите земји во снабдувањето со енергија, да ги исполни целите за ублажување на глобалното затоплување и да ги контролира цените, најави претседателот Емануел Макрон.
„За прв пат по децении, повторно ќе почнеме да градиме нуклеарни реактори во Франција и ќе продолжиме да развиваме обновливи извори на енергија“, рече францускиот претседател во телевизиска порака до нацијата во вторникот.
Одлуката е неопходна за да се одржат цените на енергијата „разумни“, рече Макрон, алудирајќи на остриот скок на цените на струјата и гасот во последните месеци.
Новите нуклеарни реактори „ќе ја гарантираат енергетската независност на Франција, ќе го гарантираат снабдувањето со електрична енергија на нашата земја и ќе ги постигнат нашите цели, особено јаглеродната неутралност до 2050 година“, објасни Макрон, без да даде детали.
Владата досега тврдеше дека нема да започне нови проекти за изградба на реактор EPR од трета генерација пред завршувањето на постојано одложуваната нуклеарна централа Фламанвил, која беше одложувана десет години и значително ги надмина планираните трошоци.
Макрон на почетокот на својот претседателски мандат вети дека до 2035 година ќе го намали уделот на нуклеарната енергија во енергетскиот микс од 75 на 50 отсто, потсетува Ројтерс.
Се очекува владата да објави изградба на шест нови EPR реактори во наредните недели, забележува Ројтерс.
Така, Франција се одлучи на поинаков пат од оној што го зацрта Германија по нуклеарната катастрофа во Фукушима, Јапонија во 2011 година, со забрзување на затворањето на нуклеарните централи, забележува агенцијата.
Еколошкото здружение Гринпис остро ја критикуваше најавата за изградба на нови нуклеарни реактори во Франција, тврдејќи дека тоа покажува „губење на врската со реалноста“ со оглед на проблемите со проектот во Фламанвил.
