Макрон и Путин разговарале два часа - има ли шанса за прекин на војната?
Францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот Владимир Путин разговарале два часа.
Елисејската палата објави дека Макрон го повикал Путин да го прекине рускиот напад и да ја осигура безбедноста на нуклеарните локации во Украина, откако гранатирањето предизвика пожар во административната зграда на нуклеарната централа Запорожје.
Путин му рекол на Макрон дека Русија не сака да напаѓа нуклеарни постројки, го пренесува Би-би-си соопштението од кабинетот на Макрон.
Но, Путин, исто така, му рекол на Макрон дека Русија ќе ги постигне своите цели преку „преговори или војна“, соопшти француското претседателство, објави Би-би-си.
Во меѓувреме, во соопштението од Кремљ на кое се повикува Би-би-си, се вели дека Путин ги обвинил Украинците за инцидентот со нуклеарната централа. Тој му рекол на Макрон дека тоа било „провокација“ од „украинските радикали“. Кремљ вели дека руски и украински персонал заеднички го обезбедуваат местото и дека нивото на радијација е „нормално“.
Путин, исто така, според Кремљ, истакнал дека обидите за евакуација на цивилите од јужните градови Мариупол и Волноваха вчера не успеале, бидејќи „украинските националисти“ одбиле да ги пуштат луѓето да си заминат и ги искористиле привремените прекини на огнот само за да ги зајакнат и зацврстат своите позиции.
Инаку, САД планираат нови санкции против Русија.
