Макрон: Доколку е потребно, подготвени сме да ја пролееме нашата крв
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека Франција и Европа се подготвени да ја бранат „слободата и правдата“ дури и по цена на крвопролевање, доколку е потребно, пренесе агенцијата Франс-прес.
„Европа станува сила. Пораката што ја испраќаме до светот е оваа: да, мирот е наша цел, но ние ја цениме слободата и правдата. И секогаш сме подготвени да се бориме за да ги одбраниме; доколку е потребно, подготвени сме да ја пролееме нашата крв“, рече францускиот претседател.
Тој ова го кажа во говорот упатен до вооружените сили пред францускиот национален празник на 14 јули.
„Дури и пред Сахел да биде зафатен од хаос, дури и пред Блискиот Исток да избувне во пламен, дури и пред војната да се врати на европска почва, ние почнавме да се вооружуваме – дури и пред почетокот на оваа луда војна што ја водеше Русија против народот и земјата Украина“, изјави Макрон.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро објави дека ќе го повика рускиот амбасадор поради „масовна кибер-кампања насочена кон саботажа и шпионажа“ спроведена од страна на руската Федерална служба за безбедност низ голем број европски земји, вклучително и Франција.
Министерот објасни дека операциите против сајбер криминал се особено насочени кон министерства, компании и оператори, со цел „или пресретнување на информации или саботажа на операции – на пример, железничка инфраструктура, како што беше случајот во Полска“. Тој кажа дека Франција поседува „способност да ги открие овие напади“.
foto printskrin youtube
