Мајкрософт го купува бизнисот со мобилни телефони од Нокиа
Мајкрософт планира да го купи одделот на Нокиа за производство на мобилни уреди, потврдија од американскиот гигант.
Купопродажниот договор ќе изнесува 5,44 милијарди евра (7,2 милијарди долари) и се очекува тој да заврши во првиот квартaл од 2014 година, бидејќи мора да го одобрат акционерите на двете компании и пазарните регулатори.
Договорот предвидува Мајкрософт да ги добие и сите патенти на Нокиа за мобилните апарати. Според договорот, Мајкрософт ќе плати 3,79 милијарди евра за одделот на Нокиа за мобилни уреди и 1,65 милијарди евра за патентите, стои во соопштението на двете компании објавено денеска.
Нокиа, некогашниот неприкосновен лидер на пазарот на мобилни телефони, последните неколку години се соочува со финансиски проблеми бидејќи изгуби дел од пазарниот удел подари големиот успех на паметните телефони на Самсунг и Епл.
Во 2011 година Нокиа склучи партнерство со Мајкрософт за користење на софтверот Windows Phone за мобилни уреди, а истата година на чело на компанијата од Мајкрософт доаѓа Стивен Елоп.
Неодамна Нокиа соопшти дека нејзината продажба на мобилни телефони во вториот квартал падна за 27%, додека во последните девет тримесечја нејзината загуба изнесува повеќе од пет милијарди евра.
Слично
