„МАЈКА РУСИЈА“ СОВРШЕНОТО ЛИЦЕ ЗАД МОНСТРУОЗЕН ПРОЕКТ: Зошто Хаг ја бара токму Марија Лвова Белова?
Сопруга на руски
православен свештеник, мајка на пет биолошки и 18 посвоени деца, убава русокоса
со брановидна коса верна на идеалот на Русија, штом ја видел, рускиот
претседател Владимир Путин знаел дека Марија Лвова Белова е токму она што му
треба.
Меѓународниот кривичен суд во петокот издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и Марија Алексеевна Лвова-Белова. И двајцата се соочуваат со обвиненија за воени злосторства поврзани со руско-украинската војна. МКС тврди дека Лвова-Белова и Путин незаконски депортирале деца од Украина во Руската Федерација.
Лвова-Белова, која ја нарекуваат „Мајка Русија“ во извештаите во медиумите, работи како комесар за правата на децата во Руската Федерација, позиција на која Путин ја назначи во 2021 година. Таа неодамна се најде на насловните страници кога сподели информации на нејзиниот канал Телеграм дека помага во поврзувањето на украинските деца со руските родители со надеж дека ќе ги посвојат.
Неколку месеци пред инвазијата на Украина, Путин ја назначи младата провинциска политичарка за претседателски советник за правата на децата. Му требаше, како што пишува британски „Телеграф“, „вистински верник“, но и некој кој ќе го спроведе монструозниот план за киднапирање на илјадници украински деца и нивно преместување во Русија за тие - да станат Руси.
Посвои дете од Марипол
Таа прифати тешка задача и оттогаш стана еден вид „руска Мајка Тереза“, или „Мајка Русија“, препознаена во земјата како симбол на хуманоста, грижа за украинските сиромашни, ѕвезда на телевизиските емисии, весниците и социјалните мрежи.
Она што светот го гледа како застрашувачки обид за етноцид и „порусување“ на украинските деца, Белова со нежен израз на лицето и насмевка го прикажува како хуманитарна, спасувачка мисија. Таа и самата е мајка на пет деца, а посвоила уште 18, пренесува „Јутарњи лист“.
На „Ѕвезда“, рускиот воен ТВ канал, таа се појави речиси во солзи, трогната од еден од нејзините „успеси“.
- Настја од Доњецк е едно од децата што ги спасивме и ги најдовме нејзините згрижувачки родители. Сега е дел од големо семејство и има мачка за која отсекогаш сонувала и ја обожава – изјавила таа.
Забележано е дека учествувала во неколку вакви акции на префрлање на украински деца во Русија, а сака да се фотографира и со руски војници, па минатото лето на „Телеграм“ објави фотографија на која позира со четворица руски војници вооружени со митралези, облечена во црн фустан без ракави кој за да ја истакне својата беспрекорна фигура, го носи со црн кожен ремен.
Саркастичните коментари на Белова за обвинувањата од МКС
– Денеска сите заедно ја браниме татковината, со зборови, дела и молитви, на секој начин да придонесеме да осамне денот кога нашето небо, кога нашите браќа ќе бидат слободни и мирни – рече тогаш таа.
Во петокот, новинарите побараа од Белова да ги коментира обвинувањата на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, кој издаде налог за нејзино апсење.
- Драго ми е што меѓународната заедница ја цени нашата работа со децата. Особено е убаво што можам да бидам во ист тим со рускиот претседател Владимир Путин – саркастично изјави таа.
ФОТО: EPA/Mikhail Metzel
