МАДУРО НЕ ПОПУШТА: Aко треба и воено ќе ја брани својата земја
Венецуела не попушта пред барањата на Западот.
Земјата ги отфрли барањата од европските земји наскоро да распише нови претседателски избори, како начин за надминување на кризата, која ја доведе земјата на работ од граѓанска војна.
Претседателот Николас Мадуро најави воени вежби од 10 до 15 февуари, а рече и дека се подготвени да се бранат од странски напаѓачи. Тој посети неколку воени бази во земјата.
Девет од десет граѓани во Венецуела живеат во сиромаштија, додека три милиони биле принудени да се иселат.
Во државата има серија протести, откако опозицискиот лидер Хуан Гуаидо се самопрогласи за претседател, обвинувајќи го актуелниот претседател, Николас Мадуро дека е нелегитимен.
САД и повеќе јужноамерикански и европски земји, го признаа Гуаидо за легитимен претседател, а Мадуро ја има поддршката на Русија, Кина и на Турција.
Лидерот на венецуелската владејачка партија, Диосдадо Кабељо, порача дека европските лидери како што е шпанскиот премиер Педро Санчез би требало двапати да размислат пред на Венецуела да ѝ држат предавања за демократија.
Советот за безбедност на ОН одржа вонредна седница, посветена на кризата во Венецуела, и покрај обидот на Русија, Кина, Јужна Африка и Екваторијална Гвинеја, кои безуспешно пробаа да ја блокираат седницата, свикана по барање од САД. Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео ги повика сите држави да го поддржат венецуелскиот народ во обидот за она што се нарекува „незаконска мафијашка држава“ на Николас Мадуро. Според него, „хуманитарната ситуација во Венецуела бара дејствување.
Во меѓувреме, Владата на Венецуела им дозволи американските дипломати да останат во земјата додека траат преговорите меѓу двете страни, но не подолго од 30 дена. Во средата, Владата му даде на дипломатскиот персонал на САД рок од 72 часа да ја напушти земјата. Венецуелското МНР соопшти дека се спроведуваат преговори за воспоставување канцеларија за интересите на САД во земјата и дека ќе дозволи персоналот на американската амбасада во Каракас да остане во земјата додека траат разговорите. Во соопштението стои дека рокот за преговори е ограничен на 30 дена и ако дотогаш не биде постигнат договор, дипломатите по истекување на рокот ќе мора да ја напуштат Венецуела.
