Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЛУНА-25 СЕ СУДРИ СО ПОВРШИНАТА НА МЕСЕЧИНАТА: Руското вселенско летало не успеа да слета

ЛУНА-25 СЕ СУДРИ СО ПОВРШИНАТА НА МЕСЕЧИНАТА: Руското вселенско летало не успеа да слета

Вселенскиот брод Луна-25 се урна на површината на Месечината еден ден откако беше пријавена „абнормална ситуација“ и се загуби, објави руската новинска агенција Тас. Како што соопшти руската државна вселенска агенција Роскосмос, комуникацијата со леталото е прекината.

„Според прелиминарните пресметки, Луна-25 се префрли на непредвидена орбита и се судри со површината на Месечината“, објави Роскосмос, кој вчера објави „абнормална“ ситуација на леталото откако беше испратен сигнал од Земјата дека требаше да започне процес на подготовка на леталото за слетување на површината на Месечината.

Во денешното соопштение Роскосмос додава дека веднаш била формирана специјална меѓуресорска комисија, која треба да ги истражи причините кои довеле до губење на леталото кое немало екипаж.

Што се случи со Луна-25 вчера?

„За време на операцијата дојде до абнормална ситуација во автоматската станица, која не дозволи да се изврши маневрот со избраните параметри“, објави Роскосмос во краткото соопштение.

Руско вселенско летало требаше да слета на јужниот пол на Месечината во понеделник, дел од големата трка за истражување на дел од Месечината за кој научниците веруваат дека може да содржи замрзната вода и скапоцени елементи. Експертите ја анализираат ситуацијата, беше речено, но без дополнителни детали.

Претходно Роскосмос објави дека ги добил првите резултати од мисијата Луне-25 и дека се анализираат. Агенцијата објави и фотографии од лунарниот кратер Земан направени од леталото. Кратерот е трет најдлабок на јужната хемисфера на Месечината, како што се наведува, со дијаметар од 190 километри и длабочина од осум километри.

Роскосмос претходно соопшти дека досега добиените податоци обезбедуваат информации за хемиските елементи во лунарната почва и исто така ќе ја олеснат работата на уредите направени за проучување на површината на Месечината. Се додава дека опремата на леталото регистрирала „удар на микрометеорит“.

Леталото влезе во орбитата на Месечината

Руското летало влезе во орбитата на Месечината пред четири дена, што претставуваше голем чекор кон остварување на амбицијата на Русија да стане првата вселенска сила која ќе изврши меко слетување на јужниот пол на единствениот природен сателит на Земјата во потрага по замрзната вода.

Роскосмос пред четири дена објави дека вселенската сонда Луна-25 влегла во орбитата на Месечината во 11:57 часот по московско време или 8:57 часот по средноевропско време. Руската вселенска сонда, која е со големина колку мал автомобил, тежи околу 1.800 килограми и беше лансирана минатиот петок од космодромот Восточни. Таа требаше да спроведе истражувања на јужниот пол на Месечината околу една година.

ФОТО: Twitter

Слично

Поврзани вести