Лукоил и Тотал во заедничка мисија на Сибир
Вториот по големина производител на нафта во Русија Лукоил и француската енергетска компанија Total склучиле договор за формирање на заедничко вложување со цел истражување на богатите енергетски ресурсни наоѓалишта во Сибир.
Компаниите го потпишаа договорот за време на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург. Директорот на Лукоил Вагит Алекперов објави дека заедничкото вложување со Total ќе развива наоѓалишта со потенцијални резерви за 500 милиони барели.
Во одделна порака француската нафтена компанија соопшти дека сеизмичките експлоатации ќе почнат уште оваа година, а ископувањето - во 2015 година. Договорот практично го финализира претходниот договор потпишан во декември минатата година.
"Влегувањето на Total во наоѓалиштето Баженов што е едно од најголемите во светот, ја зацврсти нашата позиција во областа на неконвенционалните јаглеводороди во која групата доби значително искуство", изјави главниот извршен директор на Total Кристоф де Маржери.
Во април тој изјави дека очекува до 2020 година најголем удел од произведените од компанијата нафта и гас да доаѓа од Русија, а плановите се Total да остане во земјата долгорочно и покрај тензиите меѓу Западот и Украина.
Total ќе се приклучи на гигантите ExxonMobil , Statoil и Royal Dutch Shell при екстракцијата на шкрилци и енергетски ресурси на територијата на Русија. Придобивки има и за Москва, која се обидува да го задржи производството на нафта на ниво од над 10 милиони барели на ден.
Американската администрација за енергетски информации проценува дека е можно во Русија да има шкрилци и наоѓалишта за 75 милијарди барели, што е повеќе од 58-те милијарди, кои ги поседува САД - најголемиот производител на шкрилци за нафта.
K.K.
Слично
