Лукашенко тврди дека Украина ќе биде срамнета со земја
Колапсот на Украина веќе започна, ќе биде срамнета со земја, вели белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Тој изјави дека САД ја туркаат Европа кон вооружен конфликт со Русија во Украина со цел да ја ослабат Русија и да ја уништат Белорусија. Лукашенко вели дека САД не ги кријат своите планови.
„Полските, литванските и латвиските политичари очигледно наивно очекуваат да се пазарат за својата иднина во новата геополитичка реалност“, рече Лукашенко, пренесе ТАСС.
Вели дека ја повторуваат грешката од крајот на 30-тите и почетокот на 40-тите години на минатиот век.
„Се сеќавате ли на деновите кога сите им ги лижеа чизмите на фашистичка Германија и на Хитлер? Раководството на Полска се лигавеше повеќе од кој било друг. И до што доведе тоа? На почетокот на септември, за само две недели, Полска престана да постои. Штета што нашите соседи не ги научија лекциите од историјата“, рече Лукашенко.
Инаку, Белорусија е земја поддржувач на Русија. Од нивна територија руските сили извршија напад на украинска територија во февруари годинава кога почна инвазијата.