Луфтханза откажува над две илјади летови следниот месец, како причина го наведува недостигот на работна сила
Германската авиокомпанија Луфтханза откажа дополнителни 2.200 летови од центрите во Франкфурт и Минхен во јули, наведувајќи го недостатокот на работна сила поради поголем број заразени со Ковид 19.
Пред две недели, компанијата објави дека ќе откаже 900 летови во јули. Во четвртокот тие најавија дека „ќе откажат уште 2.200 од 80.000 летови во системот“.
- На прво место ќе бидат откажани домашните германски и интраевропските летови, но не и оние до класичните дестинации за одмор, кои се добро исполнети во текот на сезоната - соопштија од авиокомпанијата, додавајќи дека можат да го променат распоредот на летови.
Системот дополнително беше оптоварен со штрајкови на контролорите на летање, временските услови и, особено, поголем број работници заразени со Ковид 19“, објаснуваат тие, пренесува „Н1“.
Патниците ќе бидат веднаш известени за откажаниот лет и ќе добијат, доколку е можно, резервации за други соодветни летови. Летовите во Германија до главните аеродроми може да се заменат со железница, додаде Луфтханза.
И член на групата Луфтханза Брисел ерлајнс откажа повеќе од 300 летови оваа недела поради тридневниот штрајк на пилотите и кабинскиот екипаж што започна во четвртокот. Работниците протестираат против прекумерната работа и влошените услови за работа.
Штрајкот на главниот градски аеродром во Брисел и на бриселскиот аеродром Јужен Шарлроа предизвика проблеми за десетици илјади патници, забележува агенцијата ДПА.
