ЛОШИ ВЕСТИ ЗА РАБОТНИЦИТЕ: Реалните плати во еврозоната се пониски отколку пред пандемијата - и ќе бидат уште пониски
Реалните плати во еврозоната се значително пониски отколку во периодот пред пандемијата и веројатно ќе се намалат уште повеќе во наредните месеци поради брзиот раст на цените. На ова предупреди Европската централна банка (ЕЦБ).
Пандемијата предизвика големи пореметувања на пазарот на трудот поради строгите мерки за борба против вирусот и побарувачката на работна сила, особено во секторите во близок контакт со клиентите, пренесува „Б92“.
Наглото закрепнување на економијата по олеснувањето на мерките и недостигот на работна сила поттикнаа силен раст на платите, во споредба со историските трендови, особено во секторите за нега, транспорт и угостителство, нагласи ЕЦБ.
Во 2020 година, реалните и номиналните плати растеа со речиси идентично темпо, што нагло се промени во првиот квартал од 2021 година, кога цените почнаа да растат со забрзано темпо, потсетуваат тие.
„Во почетната фаза на пандемијата, инфлацијата беше многу ниска, како одраз на слабите ценовни притисоци, значително негативно влијание на цените на енергијата и други фактори, како што е привременото намалување на индиректните даноци за стимулирање на економијата“, потсетува ЕЦБ.
Во 2021 година, инфлацијата забрза поради растот на цените на енергијата и проблемите во набавката на стоки и услуги во контекст на отворањето на економијата по укинувањето на пандемиските ограничувања, а резултатот беше продлабочување на јазот меѓу реалните и номиналните плати.
Номиналните плати пораснаа помалку од потрошувачките цени, така што куповната моќ на граѓаните се намали и во вториот квартал од минатата година беше за околу 3,6 отсто пониска отколку во четвртиот квартал од 2019 година, непосредно пред почетокот на пандемијата на ковид 19, соопшти ЕЦБ во Економскиот билтен.
„Вистинските плати сега се значително пониски отколку што беа пред пандемијата и најверојатно дополнително ќе се намалат во наредните месеци“, заклучува ЕЦБ во написот.
„Ова може да ги поттикне синдикатите да бараат повисоки зголемувања на платите во следните рунди преговори, особено во секторите со пониски плати“, шпекулира ЕЦБ.
Тие оценуваат дека номиналните плати ќе растат многу силно и во наредните квартали, споредено со историските нивоа.
На среден рок, растот на платите треба да биде забавен поради очекуваното економско забавување и неизвесната економска перспектива, предвидуваат тие.
