Економија, финансии, бизнис

Контакт

Лорд Менделсон ослободен со кауција по апсењето за контактите со Епштајн

Лорд Менделсон ослободен со кауција по апсењето за контактите со Епштајн

Британската полиција го ослободи од притвор со кауција Питер Менделсон, поранешниот британски министер и амбасадор во САД, кој беше уапсен вчера под сомнение за злоупотреба на службената должност, откако беа откриени неговите врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.

Лордот Менделсон е ослободен со кауција, неколку часа по неговото апсење под сомнение за злоупотреба на јавна функција, соопшти лондонската полиција. Во соопштението за медиумите се наведува дека 72-годишниот маж е ослободен во исчекување на понатамошна истрага, јавува Би-Би-Си.

Поранешниот член на горниот дом на британскиот парламент, Домот на лордовите и поранешен британски амбасадор во САД, Питер Манделсон, беше уапсен вчера во Лондон под сомнение за злоупотреба на службената должност, откако беа откриени неговите врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн. Полицијата објави дека тој бил приведен во неговиот дом и однесен на испрашување.

Менделсон претходно се соочи со обвинувања дека му пренесувал доверливи и чувствителни информации на Епштајн од Даунинг стрит. Тој негираше какво било кривично дело и беше уапсен откако полицијата започна истрага за наводите дека, како министер за трговија во владата на поранешниот премиер Гордон Браун, му пренесувал информации чувствителни на пазарот на Епштајн по финансиската криза во 2008 година.

Истрагата, според Би-Би-Си, следеше откако Министерството за правда на Соединетите Американски Држави објави електронска преписка од таканаречените „досиеја Епштајн“, во која, според медиумите, може да се види дека тогашниот министер ја проследил содржината до Епштајн, што повторно покрена прашања за природата на нивниот однос.

Менделсон почнал да работи во Лабуристичката партија во 1980-тите и бил еден од нејзините највлијателни членови со децении. Политико објаснува дека тој се смета за еден од архитектите на политичкиот проект „Нова лабуристичка партија“, кој го доведе поранешниот британски премиер Тони Блер до победа на изборите во 1997 година.

Британскиот премиер Кир Стармер го назначи во декември 2024 година за британски амбасадор во Вашингтон, и покрај претходно познатите врски со Епштајн. Стармер се соочи со повици да поднесе оставка поради контроверзната одлука за назначување на Менделсон за амбасадор во Вашингтон.

Тој беше отстранет од таа позиција во септември откако беше објавено дека се појавиле нови информации за подлабоката природа на неговиот однос со Епштајн од онаа што претходно ѝ беше позната на јавноста. Потоа Менделсон се повлече од Домот на лордовите по објавувањето на дополнителни документи во САД, но поради парламентарната постапка ја задржа титулата Лорд.

Тој не коментираше за тековната полициска истрага, но претходно рече дека погрешил што го продолжил контактот со Епштајн и им упати „недвосмислено извинување“ на своите жртви.


Слично

Поврзани вести