Лондон се вклучува во нападите против Исламската држава
По Данска и Белгија, и Велика Британија денеска одлучи да се приклучи на воздушните напади против Исламската држава, предводени од САД.
Британскиот парламент даде зелено светло за учество во нападите насочени кон џихадистичките позиции во Ирак. Пратениците со огромно мнозинство од 524 гласа „за“ наспроти 43 „против“ одобриле силите на британското Кралско воено воздухопловство (РАФ) веднаш да се вклучат во операцијата.
Во воената база на Кипар веќе се наоѓаат подготвени шест борбени авиони од типот Торнадо ГР4, кои веднаш можат да се придружат на нападите. Сепак, пред гласџањето британските пратеници нагласија дека нема да има испраќање на копнени трупи во Ирак, а за приклучување кон воените операции во Сирија ќе мора да се донесе нова одлука.
Британскиот премиер Дејвид Камерон предупреди дека кампањата против Исламската држава би можела да трае повеќе години и ја повика Велика Британија да не стравува од влез во нов конфликт во Ирак, каде што имаше свои трупи до 2011 година.
Данска ќе се приклучи на нападите со четири авиони и три резервни, како и со 250 пилоти со помошен персонал за нападите во Ирак. Одлуката за овој ангажман треба да ја одобри парламентот, но тоа се смета за формалност. Белгија ќе испрати шест авиони од типот Ф-16 со воен контингетн од 120 луѓе, меѓу кои осум пилоти. Дополнително ќе се разгледува зголемување на нејзиното учество во операцијата.
Авионите на пат до базата во Јордан ноќеска ќе слетаат во Грција. И белгиските авиони ќе можат да се употребуваат за воени операции во Ирак веќе од утре.
Слично
