„Локдаун“ во Велика Британија и во Австрија: Следува тежок ноември
Австрија донесе одлука за нов „локдаун“ од вторник, со полициски час од 20 часот до 6 часот наутро за да се спречи ширењето на коронавирусот, објави канцеларот Себастијан Курц.
Австрија затвора ресторани и хотели, културни институции и ги запира спортските натпревари. Средните училишта и колеџи ќе организираат настава на далечина, додека за пониските нивоа на образование училиштата остануваат отворени.
Продавниците и фризерските салони остануваат отворени.
Австрија во голема мерка беше поштедена во првиот бран, но има експлозија во бројот на нови инфекции во последните неколку недели. Таа земја со 8,8 милиони жители регистрира повеќе од 5.000 случаи на ден, за разлика од илјада во почетокот на октомври.
Австрија има скоро 105.000 заразени и над 1.100 мртви.
Британскиот премиер Борис Џонсон денеска се обрати до јавноста и најави построги мерки во борбата против епидемијата на коронавирус. Тој објави дека Велика Британија оди во локдаун откако таа земја премина милион случаи на заразени. Затворањето стапува на сила во четврток и трае до 2 декември.
