Литванија ја затвори железничката достава за руската енклава Калининград, Москва се закани
Москва ја обвини балтичката земја Литванија дека го забранила железничкиот транзит на стоки кои се под санкции наметнати од Европската унија поради руската воена кампања во Украина. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека е врачена нота против „провокативните“ и „отворено непријателски“ мерки.
„Доколку во блиска иднина транзитот на товар меѓу Калининградската област и остатокот од територијата на Руската Федерација преку Литванија не биде целосно обновен, Русија го задржува правото да преземе мерки за заштита на своите национални интереси“, соопшти Министерството.
Според Министерството, забраната за транзит го прекршува договорот од 2002 година меѓу Русија и ЕУ. Кремљ рече дека одлуката на Литванија е „без преседан“.
„Ситуацијата е повеќе од сериозна и бара многу длабока анализа пред да се формулираат какви било мерки и одлуки“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Претходно во понеделникот, литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис рече дека забраната е воведена во согласност со европските санкции поради Украина.
„Тоа се европски санкции кои почнаа да функционираат на 17 јуни“, изјави тој за новинарите во Луксембург, прецизирајќи дека овој случај се однесува на железничкиот транспорт на производи од челик.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја критикуваше Русија по изјавата на московското МНР.
„Русија нема право да и се заканува на Литванија. Москва е виновна за последиците од нејзината неиспровоцирана и неоправдана инвазија на Украина“, рече Кулеба во изјавата на социјалните мрежи.
Според гувернерот на Калининград, Антон Алиханов, забраната ќе влијае на меѓу 40-50 отсто од вкупниот увоз во ексклавата. Листата вклучува јаглен, метали, градежни материјали и напредна технологија.
Говорејќи за руската државна телевизија во понеделникот, Алиханов рече дека ситуацијата е „непријатна, но решлива“ и дека стоката може да се испорача по море. Стоката не била наменета за трговија во Европа, туку за „снабдување“ на регионот, додаде тој.
