Русија го користи гладот како оружје во обидите да освои територии, вели Зеленски
Русија го користи гладот како оружје во обидите да освои територии во Украина, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски. Објасни дека руските сили ги блокирале сите украински поморски пристаништа и бродови со храна за извоз.
Како што објави Би-би-си, Зеленски им рекол на членовите на ирскиот парламент дека руските проектили „ги уништуваат сите работи што се клучни за опстанокот на животот“.
„За нив гладот е оружје против нас обичните луѓе и тие го користат како средство за доминација“, додаде Зеленски.
Тој бара и другите земји од Европската Унија(ЕУ) да воведат уште построги санкции со цел Русија да ја запре инвазијата на Украина.
Зеленски им се заблагодари на ирските политичари за поддршката по руската инвазија. Русија на 24 февруари ја почна инвазијата на Украина и војната се уште трае.
