ЛИДЕРОТ НА ХАМАС НЕ БИЛ УБИЕН ОД ПРОЕКТИЛ, ТУКУ ОД БОМБА НА ДАЛЕЧИНСКО УПРАВУВАЊЕ: „Била прошверцувана во Техеран каде што престојувал“
Шефот на Политичкото биро на палестинското исламистичко
движење Хамас, Исмаил Ханије, беше убиен во средата рано наутро „со
софистицирана бомба на далечинско управување прошверцувана во гостинската куќа
во Техеран каде што престојуваше, а не со проектил, како што беше првично
објавено“.
Ова го објави Њујорк тајмс (NYT) повикувајќи се на седум функционери од Блискиот Исток, меѓу кои двајца Иранци и еден американски функционер.
Според неименувани извори, експлозивната направа била тајно поставена во зградата на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (Пасдаран) во Техеран пред околу два месеци.
Според иранските власти кои припаѓаат на Пасдаран, прецизноста на истрелот наликува на оружјето со далечински управувач што го користеше израелскиот Мосад за да го убие иранскиот нуклеарен научник Мохсен Фахризадех во 2020 година.
Извори на кои се повикува „NYT“ велат дека бомбата во која загинаа Ханије и неговиот телохранител била активирана од далечина.
Понатаму, според изворите, ограничената штета на објектот „укажува на малата веројатност дека се работи за ракетен напад“. Претходно се зборуваше за можноста дека станува збор за ракетен напад лансиран од странство.
Ханије пристигна во Техеран во вторникот, на 30 јули, за да присуствува на инаугурацијата на новиот претседател на Иран, Масуд Пезешкијан.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека убиството на лидерот на палестинската исламистичка група Хамас, Исмаил Ханије, не помогнало за прекин на огнот во израелската војна во Газа.
фото: EPA-EFE/ABEDIN TAHERKENAREH