Економија, финансии, бизнис

Контакт

Лидерите од Г-7: Санкциите против Русија остануваат барем до целосното спроведување на планот од Минск

Лидерите од Г-7: Санкциите против Русија остануваат барем до целосното спроведување на планот од Минск

Лидерите на земјите од Г-7 изразиле решителност да ги остават во сила санкциите против Русија, додека претседателот Владимир Путин и сепаратистите во источна Украина не го имплементираат целосно Минскиот договор.

Русија беше исклучена од Г-7 по анексија над Крим минатата година.

Во интервју за германската државна телевизија „ZDF“ канцеларката Меркел ги повикала лидерите да упатат „единствен сигнал“.

„Санкциите можат да бидат елиминирани само ако исчезнат условите под кои беа наметнати тие, и се решат проблемите“, изјавила таа.

„Претпоставувам дека ќе испратиме единствен сигнал од тука“, изјавила таа и додала дека санкциите не се цел сама за себе, а се „средство за постигнување на цели“.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјавил дека „ако некој сака да започне дискусија за промена на режимот на санкциите, тогаш тоа може да биде само за нивното затегнување“. Новите судири во источна Украина од минатата недела беа најтешките од Минскиот договор од февруари и според европските набљудувачи одговорност за насилството сносат проруските сепаратисти.

Пред самитот Ангела Меркел остварила средба во 4 очи со американскиот претседател Барак Обама. Двајцата водачи го потврдија пријателството меѓу Германија и САД, чии односи настрадаа по откритието за масовното прислушување од страна на американските тајни служби, вклучувајќи го и телефонот на канцеларката.

Покрај украинската криза, друга главна тема на неделните разговори биле тековните разговори за грчкиот долг меѓу властите во Атина и европските партнери.

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изразил иритираност од премиерот Алексис Ципрас, кој ги отфрлил последните предлози на меѓународните кредитори за помош против реформите како апсурдно. Јункер истакнал дека излез на Грција од еврозоната не е опција која се разгледува. „Тоа сепак не значи дека можам да извадам зајак од шапката и да го спречам, ако Грција не вложи напори да ги реформира јавните финансии“, посочил претседателот на ЕК.

Како домаќин на средбата Меркел има амбициозна цел да добие ветувања од останатите лидери за конкретни чекори за справување со климатските промени. На овој начин би требало да се забележи напредок во меѓународните напори пред самитот на ОН во Париз декември оваа година.

„Ројтерс“ забележува дека пред почетокот на разговорите, државните лидери и новинарите беа транспортирани до замокот „Елмау“ со хеликоптер, бидејќи демонстранти го блокирале основниот пат.

Во саботата илјадници демонстранти се собраа во блискиот град Гармиш-Партенкирхен, каде на некои места дошло и до судири со полицијата. Агенцијата сепак забележува дека оваа година спроведувањето на G-7 било мирно во споредба со минатите форуми.

Слично

Поврзани вести