Левичарската ѕвезда Берни Сандерс поведе во трката кај Демократите за претседателски кандидат
Се враќа ли во игра американската левичарска ѕвезда, Берни Сандерс. Тој се трка да ја добие номинацијата од Демократската партија за официјален кандидат за претседател на претстојните претседателски избори во Соединетите Американски Држави. Изборниот штаб на Сандерс прогласи победа на нивниот кандидат на првичните избори кај демократите во Ајова. Таму направиле независно пребројување во текот на гласањето. Податоците на штабот на Сандерс покажале дека тој освоил 29,7 отсто од партиските гласови, а на второ место бил Пит Бутиџич, со 24,6 отсто, а на трето е Елизабет Ворен со 21,2 отсто. Џо Бајден се нашол на четвртото место со 12,4 отсто од гласовите. Од изборниот штаб на Сандерс уверувале дека резултатите се точни.
Инаку, првичните избори во Ајова се само први во долгата серија слични првични гласања, што ќе го утврдат официјалниот кандидат на партијата за претседател. Во последните години, победникот од првичните избори во Ајова ја добиваше и официјалната претседателска кандидатура.
Берни Сандерс неодамна го предизвика вниманието на јавноста откако тимот што ја води неговата кампања, ја врати донацијата од единствениот милијардер од кој тој добил донација. Всушност, летово, Марта Тома Хал, која е во брак со милијардерот Дејвид Хал, донирала 470 долари за претседателската кампања на Берни Сандерс, што било единствената донација од милијардер за сенаторот од Вермонт, според податоците до кои дошол „Форбс“. По само еден ден откако „Форбс“ ја објави оваа информација, тимот на Сандерс ја вратил донацијата.
„Ме прави горд што сум единствениот кандидат без донации од милијардери“, ова Сандерс го изјави за време на дебатата на Демократската партија во декември, нагласувајќи дека „Бајден има донации од четириесет и четворица милијардери“.
Кој е Берни Сандерс?
Тој, како што пишува Њујорк Тајмс, има 78 години и е роден во Бруклин. Тој е поранешен градоначалник на Бурлингтон. Во Претставничкиот дом бил избран во 1990 година, а во Сенатот во 2006 година. Во 2016 година се тркаше со Хилари Клинтон за избор на кандидат за претседателските избори.
Со својот анти-естаблишмент стил, кој се смени малку во текот на пет децении, Сандерс привлече лојален кадар на фанови. Тој често се фали, со право, дека некои од неговите точки на агендата, кои некогаш ги сметале за радикални, како што е „Медицинска грижа за сите“, минимална плата од 15 американски долари, јавен колеџ без школарина - сега ги прифатија многу демократи.
Натпреварувајќи се втор пат за кандидат за претседател, тој е еден од најпознатите кандидати во трката. Но, тој останува нешто како аутсајдер - самоопишан демократски социјалист, тој никогаш не се приклучил на партијата што се надева да ја предводи.
Сандерс се нарекува демократски социјалист. Што значи тоа? Демократскиот социјализам стана моќна сила во американскиот политички живот, но нејзината дефиниција е на дебата. Општо, тоа спаѓа некаде помеѓу комунизмот и социјалдемократијата, што е вообичаено во Европа. Строго кажано, демократските социјалисти не го поддржуваат капитализмот, што значи дека сакаат работниците да ги контролираат средствата за производство. За разлика од комунистите, демократските социјалисти исто така веруваат дека социјализмот треба да се постигне демократски.
Кој е планот на Сандерс за студентскиот заем?
Сандерс веќе долго време бараше елиминирање на школарината на јавните колеџи и универзитети. И во јуни, два месеци откако еден од неговите ривали, сенаторката Елизабет Ворен, предложи да се откаже најголемиот дел од долгот на студентските заеми, Сандерс отиде уште подалеку, помагајќи да се воведе законодавство за да се елиминира целиот студентски долг. Сандерс заработи признанија за неговиот план од неговите приврзаници, како и од некои чинители во областа на образованието. Но, другите аналитичари беа скептични во врска со неговата изводливост.
Се чини дека тој навистина не ги сака милионерите. Но, колку тежи тој?
Според даночни пријави од 10 години, Сандерс и неговата сопруга Џејн О’Мера Сандерс, пријавиле приходи што достигнале еден милион американски долари во 2016 и 2017 година, делумно од приходите од неговите книги.
Неговите приходи го ставаат во првите 1 проценти од даночните обврзници, создавајќи политичка непријатност за сенаторот, кој честопати зборува против „милионерите и милијардерите“, пишува Њујорк Тајмс.
