Летонија: Условувањето е клучот за проширување на ЕУ
Летонија за време на своето раководење со Европската унија најави дека ќе води политика за проширување која ќе се раководи од принципот на условување, пишува во објавената програма на летонското претседавање која беше објавена денес.
Летонија го увиде стратешкото значење на политиката за проширување и за време на претседавањето ќе се труди да ги унапреди тековните преговори со Србија, Црна Гора и Турција, се наведува во текстот кој е напишан на 36 страници во кој проширувањето се споменува во само неколку редови, додека поголем дел од текстот посветен е на плановите за економска и политичка консолидација на ЕУ.
„Претседавањето ќе води политика на проширување заснована на принципот на условување и според индивидуални заслуги на земјите кандидати во однос на исполнување на зададените критериуми“, се вели во програмата, со напомена дека истиот критериум ќе се применува и врз останатите земји од Западен Балкан кои се насочени кон влез во ЕУ.
За четврток во Рига најавен е клучен состанок на политичкото раководство со највисоките претставници на Европската комисија, што го вклучува и претседателот Жан – Клод Јункер и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.
Во рамки на тој состанок ќе биде одржан и посебен панел посветен на политиката со соседите и преговорите за понатамошно проширување на кој ќе учествува и Могерини, европскиот комесар задолжен за оваа област, Јоханес Хан и летонскиот министер за надворешни работи, Едгарс Ринкевич.
Слично
