Лесја Украинка: Забрзани „референдуми“ и анексија - Хроника и последици
Олег Полишчук
Лажни референдуми: Кремљ дури не ни имитира демократска процедура
Кремљ конечно одлучил да одржи лажни „референдуми за припојување кон Русија“ на окупираните територии на Украина. Претходно окупаторите четири пати го менувале датумот за „гласање“. Отпрвин тоа било најавено за април, а потоа било поместено за почетокот на мај. Во јуни бил одреден датум 11 септември (на единствениот ден за гласање на регионални избори во Русија), но веќе на почетокот на есен се зборувало за почетокот на ноември. Но, победите на украинската армија на фронтот ги корегирале плановите на Кремљ. Вооружените сили на Украина го принудиле Владимир Путин и неговиот круг да дејствуваат набрзина, дури и без да симулираат демократски процедури.
Обидите за легитимирање на анексија на окупираните територии на Украина и заплашување со нуклеарно оружје како одговор на украинската контраофанзива на „новите територии на Руската Федерација“ жестоко се судираат со јасна реакција на Кијив и поддршката што му ја дава целиот цивилизиран свет.
Лов за гласачи
Така, неколкудневното лажно „гласање“ во регионите окупирани од страна на Русија во областите Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон во Украина „за припојување кон Руската Федерација“ започнало во минатиот петок, на 23 септември. Тоа ќе трае до вторник навечер, 27 септември. Таква долга процедура, којашто трае дури пет дена може да се објасни едноставно - банален недостиг на гласачи.
Очигледниот проблем со излезноста го решаваат специјални „мобилни изборни комисии“. Потреба од нив се испоставила дури и на териториите на Донбас заземени уште во 2014 година: таму соработниците ги повикувале луѓето да гласаат преку звучници без голем успех. Што да се каже за новоокупираните Мелитопол, Енергодар или Херсон, каде што по улиците, дворовите и влезовите се шетале „комисии“, придружувани од вооружени окупатори, ловејќи гласачи кои на секој начин се обидувале да избегнат средба со нив.
Генерално, во секој конкретен случај, окупаторите и колаборационистите измислувале свои оригинални начини за зголемување на излезноста. На пример, во регионот Луганск во текот на сите денови на лажниот референдум на луѓето им било забрането да ги напуштаат своите населени места и тие биле принудувани да одат на работа. Окупациската администрација на Мариупол употребила сличен начин на принудување за гласање на работно место.
Но, предавниците од Мариупол малку претерале кога локалните пропагандисти снимиле апсурдно видео со гласачко ливче фрлено во гласачка кутија без никва ознака. Што се однесува до мажите масовно мобилизирани во ОРДЛО (привремено окупираните територии на Донецк и Луганск), тие, исто така, гласале, дури и мртви од редовите на мобилизирани, но и тие кои моментално се наоѓаат во заробеништво. Со еден збор, никој не се ни потрудил барем да имитира некоја демократска процедура.
Како се цртале „резултатите“
Истовремено руските пропагандисти буквално се прекршиле, фиксирајќи го наводното масовно гласање на „плебисцитот“ на окупираната територија на Украина. За нивните видео приказни од, на пример, регионите Запорожје и Херсон, тие донеле луѓе за снимање масовни сцени главно од окупираниот Крим, бидејќи од локалните колаборационисти одвај имало луѓе за учество во „изборните комисии“.
Априори, не можело да станува збор за масовниот одзив во квази -републиките „ЛНР/ДНР“, со оглед на отсуството на апсолутно мнозинство од машката популација дома поради целосна мобилизација или бегство од истата. Така да е сосема очигледно дека показателите за излезност биле однапред подготвени од окупаторите, а водечките руски медиуми ги објавувале само во дози – случајно да не се „претера“ наеднаш од првиот ден.
Истата приказна е и со „резултатите“ од псевдореферендуми. Веќе на вториот ден од нивното одржување, руските пропагандни ресурси уште рано од сабајле почнале масовно да ги репродуцираат податоците од некои „телефонски анкети на гласачите“ во регионите на Запорожје, Херсон, Донецк и Луганск. На овој начин се подготвувал терен барем за внатрешна руска перцепција за вистинитоста на насликаните бројки на „волјата“ на Украинците под окупација. Зачудува неверојатно фантастична „едногласност“ на гласачите.
Меѓутоа, за брзо да се разбират вистинските ставови на луѓето на окупираните територии, неопходно е да се присетиме буквално на три работи. Прво, политичките технолози од Кремљ одамна планираале фалсификување на „гласови за Русија“ во овие лажни „плебисцити“ во опсег од најмалку 75%. Ова било добро познато, особено, на официјалните лица во САД. А според информациите со кои располага Служба за безбедност на Украина, руските окупатори ги „изброиле“ резултатите од сегашното лажно „гласање“ на окупираните територии на Украина... уште на почетокот на септември.
Како второ, по неодамнешното ослободување на окупираните територии на Харковската област од страна на вооружените сили на Украина, новинарите на проектот Радио слобода „Донбас Реалности“ добиле интересен документ од нивните извори во една од разузнавачките агенции на Украина. Тој беше наречен „Стратегија за спроведување референдум за влез на регионот Харков во Руската Федерација“, каде јасно биле наведени „75% за приклучување кон Руската Федерација“.
И, трето, резултати од вистинско социолошко истражување се појавиле уште во август. Истото било спроведено од истражувачка компанија Active Group, и било посветено на проучување на нивото на подготвеност на жителите на привремено окупираните територии на Украина да учествуваат во таканаречените „референдуми“ на руските окупаторски „власти“. Така, според резултатите од истражувањето, огромното мнозинство од испитаниците - 81,8% - изјавиле дека во случај на „референдум“ за припојување на нивниот регион кон Русија, ќе го игнорираат, а и регионот во кој живеат треба да остане дел од Украина како нејзин составен дел. Во тоа време, само 9% од испитаниците им соопштиле на социолозите подготвеност да присуствуваат на рускиот „плебисцит“, а ни тоа не значи дека сите биле подготвени да гласаат „за Русија“. И нема причина да се верува дека расположението на луѓето значително се променило за еден месец.
Треската на Кремљ. Причини
Сепак, многу работи се промениле за земјата-агресор и нејзиното раководство во текот на изминатиот месец. Ефикасната контраофанзива на Украина во регионот на Харков на целиот свет му ги покажала не само кардинални предности на вооружените сили на Украина, туку и катастрофална слабост на руските окупатори со бројни проблеми - лошо и нефлексибилно раководство, низок морал на војската, запоставена материјална и техничка база и техника итн. Затоа, Кремљ бил принуден да започне „референдуми“ набрзина, за да има време да ги анектира украинските територии кои досега биле заземени - оние што утре можеби ќе бидат ослободени од украинската војска.
Всушност, „плебисцитната“ треска на Путин станала целосно изненадување за повеќе кораборационисти на истокот и југот на Украина, на што особено внимание обрнала ѓраѓанска мрежа „Опора“. На пример, за ДНР, сè се удирало во наредбата на Путин да се заземе целиот регион Донецк до средината на септември, што никогаш не било спроведено. На „неповолна безбедносна ситуација“ се осврнувале и галејтерите на Кремљ во окупираните области на Запорожје и Херсон. Но, на 20 септември сите тие наеднаш се предомислиле, наредувајќи одржување на „референдуми“ буквално три дена подоцна.
Аналитичарите забележуваат дека природата и роковите на овие квази гласања ни минимално не одговараат на идеите на демократска процедура. Всушност, Русија асиметрично одговорила на воените успеси на Украина, брзајќи на некој начин да ја легализира окупацијата на одредени региони, иако Путин ја негирал таквата можност во неговиот неславен ноќен говор на 24 февруари 2022 година. Сега, најавувајќи делумна мобилизација, тој повеќе од транспарентно ја навестил можноста за употреба на нуклеарно оружје „во случај на закана за територијата на Русија“. Веќе на 29 септември, Државната Дума и Советот на Федерацијата на Руската Федерација можат да ги прогласат за руски окупираните територии на Украина, каде што окупаторите одржале лажни „референдуми“.
„Изразување на волја“: имагинарни и реални резултати
„Целата територија на Руската Федерација, која е внесена и може дополнително да се внесе во Уставот на Руската Федерација, безусловно се наоѓа под целосна заштита на државата, тоа е апсолутно природно. Сите закони, доктрини, концепти, стратегии на Руската Федерација важат за целата нејзина територија“, рекол шефот на руското МНР Сергеј Лавров на прес-конференција во ОН, одговарајќи на прашање дали нуклеарната доктрина на Руската Федерацијата ќе се однесува на „новите региони“ доколку за време на „референдумите“ се изјаснат за приклучување кон Русија. Меѓутоа, претходно, говорејќи на Генералното собрание на ОН, тој се посрамотил со тоа што го помешал Луганск со Лаос, Херсон со Харков, а Запорошката област ја нарекол „Запорожнаја“. Сепак, Лавров уште еднаш му ја пренел на светот главната порака на Путин за новата верзија на нуклеарна уцена.
Во исто време, според поранешниот секретар на Совет на Националната Безбедност и Одбрана на Украина, Олександр Турчинов, Путин нема да употреби никаква нуклеарна муниција против Украина ако разбере дека ќе добие асиметричен смртоносен одговор од водечките земји во светот. И официјален Кијив преку зборовите на министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба веќе ги повикал нуклеарните сили да се изразат во врска со недопустливоста и неодговорноста на изјавите на Русија за можна употреба на нуклеарно оружје. Односно да се испрати моќен сигнал, што САД без одлагање го имаат направено.
„Директно, во приватнен разговор, на многу високо ниво го известивме Кремљ дека секоја употреба на нуклеарно оружје ќе има катастрофални последици за Русија, дека САД и нашите сојузници ќе одговорат решително. И ние јасно и конкретно кажавме што тоа ќе предизвика“, недвосмислено разјаснил советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џејк Саливан, на таков начин за тоа да го разберат дури и во бункерот на Кремљ.
Истовремено, Украина испратила барање за итно свикување на Советот за безбедност на ОН во врска со фиктивните „референдуми“ на Русија на окупираните територии на земјата. Овој состанок се очекува да се одржи на 27 септември во 15:00 часот по њујоршко време (или 22:00 часот по Кијив), односно после завршување на лажното „изразување на волјата“.
Во меѓувреме, Вашингтон веќе објавил каква ќе биде реакција на рускиот обид да ги легализира грубо фалсификуваните „резултати“ од псевдореферендумите. Според американскиот претседател Џо Бајден, „Руските референдуми се измама, лажен повод за обид за насилна анексија на делови од Украина, што е безобразно кршење на меѓународното право, вклучително и Повелбата на ОН“. Тој ветил дека САД ќе соработуваат со сојузниците и партнерите за да наметнат на Русија „ дополнителни брзи и сериозни економски трошоци“.
Генерално, не станува збор за признавање на резултатите од овие „плебисцити“ од никого во светот, дури и меѓу наводните сојузници на Москва. Тоа станало особено јасно по изјавата на шефот на Министерството за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ: „Белград смета дека „тоа (признавањето на „референдумите“) би било целосно спротивно на нашите државни и национални интереси, целосно спротивно на нашата политика на зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет и посветеност на принципот на неповредливост на границите“. Дури и осумте земји од кои дошле „странските набљудувачи“ на псевдореферендумите, веројатно нема да брзаат официјално да го признаат последниот трик на Путин.
Така да очигледен е факт дека забрзаната анексија на окупираните територии на Украина од страна на Русија може да има само внатрешен пропаганден ефект - за мобилизација. Но, однадвор Кремљ ќе се соочи со долгорочно зајакнување на санкциите и зголемување во снабдување на Украина со високотехнолошко модерно оружје за офанзивни операции.
И за крај, има уште еден мал, но важен резултат од „изразувањето на волјата“, овој пат за колаборационистите од секаков калибар. Како што било соопштено од Службата за безбедност на Украина (СБУ), како резултат на оперативни акции спроведени во повеќе фази, СБУ заедно со Канцеларијата на јавниот обвинител идентификувале повеќе од 4 илјади главни организатори и учесници во подготовката на лажни „референдуми“ на привремено окупираните територии на Украина. Утврдени се нивните места на престој, документирани се нивните криминални дејствија во рамките на кривичните постапки за колаборационистичка дејност и нарушување на територијалниот интегритет и неповредливост на Украина. И според овие членови од Кривичниот законик, на сите учесници на оваа голема „претстава“ на руската пропаганда им се заканува казна затвор од 5 до 10 години со конфискација на имот.
ПР Објава на Здружението Лесја УкраинкаСтавовите изразени во овој текст се тврдења на Здружението и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор
