Лавров: Западот не крие која е целта на санкциите
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакнал дека Западот воопшто не крие оти целта на санкциите е рушење на економијата на Русија.
„Јавно се зборува дека целта на санкциите е да се нанесе непоправлива штета на руската економија, народот да почиствува колку тешко е да се живее под овој режим“, рекол Лавров во интервју за весникот „Комерсант“.
Тој особено нагласил дека „поводот за зајакнување на овој притисок е многу валкан“ и потсетил дека во јули секторските санкции биле воведени „поради бранот хистерии дигнати по падот на малезискиот боинг“, пренесува „Тасс“.
„ Воопшто не е чесно и е многу валкано да се користи трагедија за постигнување на геополитички цели“, рекол Лавров.
Тој, исто така, укажал дека голем број европски земји биле многу воздржани дури и кон првиот бран санкции, додавајќи дека „повеќе за никого не е тајна дека всушност Американците ја натераа цела Европска унија да се потчини на нивните барања, за што отворено и без никакво прикривање говорел и потпретседателот на САД, Џозеф Бајден, пред неколку месеци на еден американски универзитет“.
Лавров истовремено предупредил и дека Русија ќе ги преземе сите правни мерки доколку нивните партнери ги кршат своите меѓународни обврски.
„Одлучно ќе настојуваме да не се кршат меѓународните обврски од страна на нашите партнери, а тие веќе почнаа да ги кршат... Доколку е потребно ќе преземеме и соодветни правни мерки“, додал Лавров.
Шефот на руската дипломатија предупредил и дека обидите да се делува заобиколувајќи ја Повелбата на ОН и наметнувањето свои ставови претставува многу сериозна закана за светскиот поредок.
Слично
