Лавров за Косово: Ќе се случи експлозија во центарот на Европа
Со мрачна прогноза излезе шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, по најновите случувања на Косово, каде неколку дена има немири.
Тој вели дека ќе се случи „голема експлозија“.
„Голема експлозија се подготвува во центарот на Европа. Токму на местото каде што во 1999 година НАТО изврши агресија врз Југославија кршејќи ги сите замисливи принципи на завршниот акт на Хелсинки и документите на ОБСЕ, кои уште еднаш нагласуваат дека ова што денес се случува во светот е од геополитичка природа и дека е потребно геополитичко решение“, рече Лавров.
Тој оцени дека кога се зборува за Европа, потребно е да се обезбеди еднаква и неделива безбедност за сите земји, што би значело дека ниту еден блок, дури ни НАТО нема право да бара доминација во тој дел од светот.
Косовската полиција во петокот упадна во зградите на општините на северот од Косово – Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, користејќи солзавец, чадни и шок-бомби против Србите што се обидоа да ги спречат да влезат во општинските простории.
Возило на телевизијата ТЕВЕ1 е запалено во Зубин Поток, јави МИА од Приштина.
Двајца Срби се ранети во најновите инциденти во северно Косово.
