Лавров: Вашингтон го натера Вартоломеј да ја признае независноста на украинската црква
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров смета дека независноста која ја доби Украинската православна црква е провокација од Цариградската патријаршија со поддршка од Вашингтон.
Во четвртокот по дводневнен синод во Истанбул беше призната независната Украинска православна црква во Украина.
Денес портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков кажа дека Русија „ќе ги брани интересите на православците“ во случај на верски немири со Украина.
Украинските власти кажаа дека сакаат да избегнат „верска војна“ и истакнаа дека ќе ја почитуваат одлуката на епархиите кои ќе решат да ѝ останат лојални на Московската патријаршија.
Православците во Украина се поделени, дел ѝ припаѓаат на црквата припоена кон Московската патријаршија, а другите се лојални на киевската, самопрогласена по независноста на земјата во 1992 година, која досега не ја признаваше ниедна православна црква во светот.
