Лавров тврди дека Американците ги измамиле за Донбас
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дека одбива да ги спроведе наводните руско-американски договори за Украина и дека води политика на „економска доминација“.
Лавров тврди дека САД се повлекле од таканаречениот „Договор од Анкориџ“, наводно постигнат во 2025 година на состанокот меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Вели дека тој договор предвидувал Украина да го предаде целиот регион Донбас на Русија без борба.
„Излегува дека тие предложија, ние бевме подготвени, а сега се повлекуваат“, рече Лавров.
Белата куќа не го потврди постоењето на таков договор, а претходно ги негираше таквите тврдења.
Лавров рече дека, и покрај изјавите за движење кон „целосна и широка соработка“, Вашингтон продолжува да води антируска политика. Како доказ за тоа тој ги наведе новите санкции и западните акции против руската флота танкери.
Од друга страна, Украина ја отфрли можноста за повлекување, иако украинските претставници изјавија дека би можеле да се разгледаат алтернативни аранжмани, вклучително и демилитаризирана зона. САД, исто така, ја изнесоа идејата за воспоставување слободна економска зона во делови од регионот разурнат од војна.
Месецов ќе се навршат четири години од почетокот на руската инвазија на Украина.
foto printskrin youtube
