Лавров се обрати во Њујорк: Светското малцинство сака да го попречи природниот тек на нештата
На седницата на 78. Генерално собрание на Обединетите нации се обрати министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров. Западните политичари се обземени од сопствената неказнивост и желбата да и нанесат „стратешки пораз“ на Русија, беше меѓудругото пораката што ја пренесе.
„Серијата неодамнешни воени вежби на САД и нивните европски сојузници во НАТО се без преседан од крајот на Студената војна, а една од целите е да се практикува сценариото за употреба на нуклеарно оружје на територијата на Русија“, посочи Лавров.
Трагичната приказна за неспроведувањето на Минските договори за решавање на ситуацијата во Украина се повторува денеска во ситуацијата околу Косово и Метохија и Србија, предупреди Лавров.
Плановите на САД за „глобално проектирање на доктрината Монро“ се крајно опасни, посочи Лавров.
„Тие планови се колку илузорни, толку и крајно опасни, но тоа не ги спречува идеолозите на новото издание на „Пакс Америка“ (униполарен свет предводен од САД)“, рече тој.
Западот го гледа проширувањето на НАТО во азиско-пацифичкиот регион како напредок, додека на проширувањето на БРИКС гледа опасност за неговата доминација, изјави Лавров.
Како што истакна, „светското малцинство со сите сили се обидува да го забави природниот тек на нештата“, но логиката на историскиот процес е неумолива.
„Основната тенденција е стремежот на земјите од светското мнозинство да го зајакнат својот суверенитет и да ги бранат своите национални интереси, традиции, култура и начин на живот. Тие веќе не сакаат да живеат под туѓ диктат, сакаат да бидат пријатели и да тргуваат меѓу себе, но и со целиот свет - само под еднакви услови и за заедничка корист“.
За Русија, како што рече, очигледно е дека нема друг пат.
„Сепак, САД и западните земји подредени на нив продолжуваат да поттикнуваат конфликти, кои вештачки го делат човештвото на непријателски блокови и го попречуваат постигнувањето на заедничките цели“, рече тој.
САД и нивните сојузници прават се за да го спречат создавањето на вистински мултиполарен, праведен светски поредок, обидувајќи се да го принудат светот да игра според нивните себични правила.
