Лавров ги обвини САД дека го кршат меѓународното право
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров тврди дека САД го кршат системот на меѓународни односи.
Лавров изјави дека американската операција во Венецуела не само што претставува кршење на меѓународното право и системот на светски односи, туку и на структурата на ОН и принципите на глобализација воведени од САД.
Лавров нагласи дека американската операција е нелегална и дека оваа проценка ја делат значително мнозинство земји во светот, и дека Западна Европа и другите сојузници на Вашингтон срамно се обидуваат да ги заобиколат овие принципиелни проценки.
Тој истакна дека, поради активностите на Америка, глобализацијата не успеала и дека наместо тоа гледаме фрагментација на светската економија.
„Нашиот став е од принципиелна природа и се заснова на принципите на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји чии влади ги претставуваат интересите на целото население, а Венецуела е токму таква држава“, рече Лавров, пренесува Срна.
Тој нагласи дека е тешко да се предвиди понатамошниот развој на ситуацијата во Венецуела каде, како што изјави, властите ги бранат своите национални приоритети, суверенитетот и потребата од учество во меѓународните односи како рамноправна, суверена и независна држава.
