Лавров даде свое видување за односите меѓу МПЦ и СПЦ
Рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров позитивно ја оцени одлуката на Архиерејскиот собор на Српската Православна Црква (СПЦ) и Патријархот Порфириј за евхаристичко единство со Македонската Православна Црква-ОА, јави дописникот на МИА од Белград.
„Мислам дека тоа е разумна одлука на СПЦ и патријархот Порфириј, изјави Лавров во интервју за руската онлајн ТВ „Наше кино“, пренесуваат белградски Вечерни Новости.
Според Лавров, „ова е достоен одговор на интригите што ги плете цариградскиот патријарх“.
„Тој се обиде засекогаш да го погреба секој однос меѓу другите православни цркви, пред се, српската и македонската. Овој провокативен план е спречен“, посочи Лавров.
Шефот на руската дипломатија одлуката за обновување на евхаристичкото единство меѓу српската и македонската црква ја нарече мудра.
Западот се обидува да ги претвори Црна Гора и Северна Македонија во „алатка“ во анти-руската игра, изјавил рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју објавено на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи, објави ТАСС.
„Се гледа разликата помеѓу она што Црногорците и Македонците го чувствуваат за Русија и она што нивните политичари се принудени да го прават од Брисел, ЕУ и НАТО. Ова е обид да се претворат во „алатка“ во анти-руската игра“, рекол Лавров.
Тој вели дека државата се преименува во Северна Македонија за да влезе во ЕУ, каде што не беше прифатена и нема да биде прифатена во скоро време.
