Курц бара како што се затвори Балканот за мигранти, така и Медитаранот
Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц побара да се најдат начини за затворање на Медитеранската поморска рута по која мигрантите и натаму стигнуваат во Европа, по примерот на затворањето на копнената Балканска рута на чиј пат беше и Македонија која добро ги менаџираше своите граници.
– Единственото решение на криумчарите да им се одземе работата и да се прекине со смртните случаи на Средоземјето е да се осигури дека, кога некој илегално ќе тргне на пат, да не дојде до централна Европа, објаснува Курц во интервју за агенцијата АПА.
Според неговата замисла, бегалците спасени од Средоземно Море треба да бидат директно враќани во прифатните центри во Тунис и Египет.
Двете земји, уверен е Курц, тоа ќе го прифатат доколку ЕУ им даде атрактивна понуда. Во бегалските центри во северна Африка, според него, не би требало да постои можност за мигрантите да поднесуваат барања за азил.
Единствениот легален пат воените бегалци да дојдат до Европа е програмата за преселување, според која, меѓународните организации ќе ги предлагаат луѓето во кризните региони за преселување.
