Курц: Албанија, БИХ и Косово мора да се спротивстават на исламската радикализација
Загриженост поради исламската радикализација на Западен Балкан, изрази министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц.
Албанија, Босна и Херцеговина и Косово мора да се спротивстават на растечката исламска радикализација, смета тој.
На иницијатива на Курц во Претставништвото на Австрија во ОН, вечерва ќе биде организиран собир со шефовите на дипломатиите на државите на Западен Балкан.
Тој смета дека особено во Албанија, Босна и Херцеговина и Косово мора да се спротивстават на растечката исламска радикализација, бидејќи таму се шири верско-идеолошко влијание, а истакна и дека на жените им се плаќа за да шетаат целосно покриени.
Курц додава дека државите од Западен Балкан не смеат да ја изгубат својата европска перспектива.
За нацрт-заклучокот на самитот на ОН за бегалската криза, Курц вели дека е позитивно тоа што постои свест дека станува збор за глобален проблем.
Се залага сите светски земји да преземат одговорност и потенцира дека погодените земји не смеат да бидат оставени сами.
Курц укажа дека не треба да се очекува самитот да донесе решение, но заклучокот предвидува дека во 2018 ќе се направи „Глобален пакт за бегалците“.
