Куќа во која никој не сака да живее!
Австриското Министерство за внатрешни работи ќе упати понуда до повеќе државни институции во потрага да најде таква која е спремна да се пресели во некогашната родна куќа на Адолф Хитлер во Браунау-ам-Ин.
Импозантната градба од 800 метри квадратни стои празна од 2011 година затоа што никој не сака да ја изнајми. Австриската држава и општината го изнајмувале објектот од 1972 година од приватните сопственици затоа што сакале да спречат имотот да стане собиралиште на неонацистички групи.
Куќата е сместена во самиот центар на градот во близина на границата со Германија и веќе три години е празна. Министерството затоа сака што поскоро да ја всели и бара од заинтересираните институции да се пријават за изнајмување до крајот на годината.
Изнајмувањето на зградата во која нацистичкиот лидер живеел првите три години од својот живот, од 1889 до 1892 година, го чини државниот буџет 4660 евра месечно. Толку државата му исплаќа на приватниот сопственик, чиј идентитет се држи во тајност, само за да спречи куќата да ја преземат неонацистички организации.
Сопственикот неколкупати ја одбил понудата на австриската држава да ја продаде куќата затоа што смета дека цената која му се нуди е премногу мала.
Слично
