Kуба тврди дека спречила терористички напад од САД
Куба соопшти дека нејзината војска убила четворица Кубанци од САД кои биле на брод што влегол во нејзините територијални води вчера, во она што Министерството за внатрешни работи го опиша како „спречена вооружена инфилтрација“. Бродот регистриран во Флорида „превезувал 10 вооружени лица кои, според прелиминарните изјави од приведените, имале намера да извршат инфилтрација за терористички цели“.
„Запленети се автоматски пушки, пиштоли, импровизирани експлозивни направи (молотови коктели), панцири, телескопски нишани и камуфлажни униформи“, додаде Министерството.
Министерството соопшти дека упадот се случил во среда наутро и дека еден кубански командант на граничната полиција бил ранет, како и шест лица од американскиот брод, објави NBC News.
Сите членови на групата биле „кубански жители на Соединетите Американски Држави“.
Во четврток, кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел изјави во објава на мрежата X дека земјата ќе се брани од каква било „терористичка и платеничка агресија што има за цел да го поткопа нејзиниот суверенитет и национална стабилност“.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, претходно во среда изјави дека САД ќе спроведат независна истрага пред да одговорат.
„Ќе утврдиме точно што се случило тука, а потоа ќе реагираме соодветно“, рече Рубио од Свети Китс и Невис, каде што присуствуваше на конференција со карипските лидери.
Рубио додаде дека пукањето на отворено море е „многу невообичаено“ и дека и Министерството за внатрешна безбедност и крајбрежната стража на САД истражуваат.
Кубанското министерство соопшти дека луѓето од брод регистриран во САД биле првите што отвориле оган, во инцидентот што се случил една наутичка милја североисточно од каналот Ел Пино, покрај северниот брег на Куба.
foto printskrin youtube
