Економија, финансии, бизнис

Контакт

Обновено: Крвави првомајски протести, Истанбул парализиран

Обновено: Крвави првомајски протести, Истанбул парализиран

Најмалку 25  повредени лица, меѓу кои 22 полицајци и тројца цивили, како и 72 уапсени е епилогот од денешниот обид за првомајски протести во Истанбул. Властите одбија да дадат дозвола за организирање на традиционалниот собир на плоштадот Таксим, по што имаше голем судири меѓу илјадници демонстранти и полицијата.

Во немирите беше повреден и Ѓурсел Текин, потпретседателот на главната турска опозициска партија Народнорепубликанска партија (НРП), која е организатор на протестот во квартот Бешикташ. За одоворни тој ги посочи, како што рече, оние кои наредиле полицијата да употреби солзавец.

Според Текин полицијата знаела дека високи партиски членови на НРП ќе бидат меѓу демонстрантите во Бешикташ, но и покрај тоа интервенирала.

Со водени топови и солзавец полицијата денеска ги растеруваше демонстрантите кои фрлаа камења и молотови коктели. Судири избија во квартовите Бешикташ, Шишли и Меџидијекој. Демонстрантите се обидуваа да ги пробијат полициските кордони за да стигнат до Таксим. Зајакнати се мерките за безбедност околу канцеларијата на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во Бешикташ, каде избија најтешките судири. Турските власти ги забранија оваа година првомајските протести на Таксим, со оправдување дека е во тек генерална реконструкција на плоштадот, па во таквата ситуација не е можно да се гарантира безбедноста на луѓето.

Од пет часот изутрината беше сопрено движењето на превозните средства на градскиот превоз меѓу европскиот и азискиот дел на Истанбул. Не се движат автобусите, бродовите, трамваите, со цел да се оневозможи пристигнувањето до Таксим.

Изминатите три години беа одржувани протести на Таксим. На 1 мај 2010 година околу 200 илјади лица учествуваа во првите официјално одобрени демонстрации на Таксим во изминатите 30 години. Таквите настани беа забранети од 1977 година, кога во немири беа убиени 36 лица.

Слично

Поврзани вести